Nilay Kar
28 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Администрацијата на Соединетите Американски Држави (САД) вчера го прифати назначувањето на Карлос Алфредо Векчио за вршител на должноста на Венецуела во САД, од страна на венецуелскиот опозициски лидер, Хуан Гваидо, јавува Anadolu Agency (АА).
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во писмено соопштение нагласува: „САД го прифаќаат назначувањето од страна на привремениот венецуелски претседател, Хуан Гваидо, на Карлос Алфредо Векчио за вршител на должноста на Венецуела во САД“.
„Господин Векчио ќе има овластување за дипломатските работи во САД во име на Венецуела“, изјави тој.
„По неговата акредитација, Векчио се состана со државниот потсекретар за политички прашања, Дејвид Хејл, кој ја потврди силната поддршка на САД за привременото лидерство на Гваидо на Венецуела“.
„САД очекуваат соработка со господин Векчио и другиот дипломатски персонал назначен од страна на привремениот претседател на Венецуела, Хуан Гваидо“, додаде Помпео.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а челникот на опозицијата и претседател на Парламентот, Хуан Гваидо, се прогласи за привремен претседател, потег кој веднаш доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп.
Мадуро возврати со прекинување на сите дипломатски односи со САД, со тоа што им даде на американските дипломати рок од 72 часа да ја напуштат земјата.
Заедно со САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Организацијата на американски земји, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај, додека Боливија и Мексико продолжуваат да го поддржуваат Мадуро.
Неколку јужноамерикански земји, Русија, Турција, Кина и Иран, исто така, изразија солидарност со Мадуро.
Европските големи земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Франција и Шпанија, зазедоа сличен став против венецуелскиот избран претседател и го повикаа Мадуро да објави нови избори во следните осум дена од саботата, со цел да се ублажи моменталната политичка криза во јужноамериканската земја.