Rıyaz Khalıq
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, денес реши да стави крај на долгогодишното непријателство со Русија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор пред пратениците за водените политики, Абе рече дека ќе ги „реши повоените дипломатски предизвици со кои се соочува Јапонија“.
Според „Japan Today“, Абе изразил решеност да потпише мировен договор со Русија за формално завршување на непријателството од Втората светска војна.
Двете земји имаат несогласувања во врска со руските острови недалеку од Хокаидо.
„Ја делам силната решеност со (рускиот) претседател (Владимир) Путин ова прашање да не се остави нерешено, сега кога поминаа повеќе од 70 години од крајот на војната“, рече Абе.
Абе и Путин минатата недела се сретнаа на разговори околу ова прашање во Москва. Двајцата лидери повторно потврдија дека ќе ги забрзаат преговорите за билатерален мировен договор.
Абе истакна дека Јапонија ќе соработува со САД и Јужна Кореја во врска со Северна Кореја. Двете Кореи и САД се вклучени во дипломатски напори за денуклеаризирање на полуостровот и укинување на санкциите кон Пјонгјанг.
„(Јас) ќе делувам решително, без да ја изгубам можноста за решавање на прашањето за јапонските државјани киднапирани од страна на комунистичката држава пред неколку децении, и за нуклеарната и ракетна програма“, изјави Абе во јапонскиот Парламент.
Абе не се осврна на актуелните воени тензии со Јужна Кореја во Јапонското Море.
„(Ние) треба да ја разбиеме меѓусебната недоверба со цел да го решиме прашањето за нуклеарната програма и ракетите на Северна Кореја, и најважното прашање за киднапирањето“, рече тој.
„Целта е да се изнајде решение за историјата со Северна Кореја и да се нормализираат дипломатските односи.“