Seyit Aydoğan
02 Јули 2021•Ажурирај: 03 Јули 2021
БРАНТФОРД (АА) - Со продолжувањето на дискусиите за откривањето необележани гробови во три резиденцијални училишта за домородни деца во Канада, сега постојат тврдења дека телата на некои деца биле изгорени во резиденцијалното училиште на Институтот „Мохавк“ во Брантфорд, Онтарио, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од страна на Регионалниот центар за поддршка на домородните заедници во Брантфорд беше организиран марш за децата кои ги загубија своите животи додека беа дел од црковните училишни интернати.
Илјадници Канаѓани се собраа пред Општинскиот центар на Брантфорд на протестна прошетка кон поранешното резиденцијално училиште.
Даг Енхаг, еден од учесниците во маршот, за АА изјави дека неговиот татко бил ученик во Училишниот интернат „Мохавк“.
На прашањето дали има необележани гробници во училиштето, Енхаг рече дека ништо нема да се најде бидејќи од преживеан од училиштето слушнал дека таму телата на децата биле горени.
Енхаг додаде дека преживеаниот кажал дека гледале како горат тело во крематориум.
Ребека Вилсон, директорка на Регионалниот центар за поддршка на домородното население во Брантфорд, која е дел од организаторите на маршот, изјави дека во зградата имало крематориум и дека слушнала многу приказни за уништување на нивното „ѓубре“ таму.
Маршот го подржаа и трите најголеми мотоциклистички групи во регионот, каде што локалната полиција презеде мерки за претпазливост.