Yusuf Özcan
08 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
ПАРИЗ (АА) - Денеска во Париз се одржуваа протестите на „Жолтите елеци“, кои траат секој викенд од средината на ноември и кои ја принудија Владата на Емануел Макрон да се откаже од плановите за зголемување на данокот на гориво. Францускиот министер за внатрешни работи Кристофер Кастанер изјави дека насилните протести се ставени под контрола, и покрај судирите, кои ги нарече неприфатливи, јавува Anadolu Agency (AA).
Кастанер објави дека во саботните протести се повредени 135 луѓе, меѓу кои и 17 полицајци. Нагласи дека исклучителните безбедносни мерки и овозможиле на полицијата да приведе повеќе од 1.000 луѓе.
Кастанер процени дека во Париз во сабота на улиците биле околу 10.000 демонстранти во жолти елеци, а ширум Франција околу 125.000.
Демонстрантите ги разбиваа стакла на прозорци и палеа оган ширум Париз и се судрија со полицијата, која се обиде да ги растера со солзавец.
Во Париз за денес беа ангажирани 8.000 полицајци, а одредени беа и 14 сектори од висок ризик. Меѓу останатото, затворени се многу музеи, како и познатата Ајфелова кула.
Во целата земја беа мобилизирани 89.000 полицајци, што е значително повеќе од 65.000, колку што беа минатиот викенд. Тогаш беа повредени над 130 лица и уапсени повеќе од 400 во најлошите улични немири во Франција во последните неколку децении.