БУКУРЕШТ (АА) - Министрите за надворешни работи на НАТО учествуваат на дводневниот состанок во Букурешт, главниот град на Романија, кој започнува денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите треба да разговараат за војната во Украина, која се смета како закана за евроатлантскиот мир и безбедност.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред почетокот на состаноците изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја искористи зимата како оружје против Украина и дека Русија можеби ќе продолжи да ја напаѓа украинската електрична мрежа и инфраструктура за природен гас.
Столтенберг додаде дека министрите за надворешни работи на НАТО ќе се сретнат со украинскиот колега Дмитро Кулеба за да разговараат за најитните потреби на Украина.
„НАТО ќе продолжи да биде со Украина онолку колку што е потребно. Нема да се откажеме. Не може да има траен мир доколку победи агресорот“, рече Столтенберг.
Највисокиот украински дипломат рече дека министрите за надворешни работи на НАТО за време на состанокот ќе разговараат за обезбедување ново оружје, муниција и воена опрема за Киев.
На состанокот исто така ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија за да разговараат за соработката со НАТО.
„Овие три земји се соочуваат со руски притисок на многу различни начини, така што на нашата средба ќе преземеме дополнителни чекори за да им помогнеме да ја заштитат својата независност и да ја зајакнат својата способност за одбрана“, истакна Столтенберг.
Столтенберг, исто така, рече дека е време да се финализира процесот на пристапување на Финска и Шведска и да се поздрават како полноправни членки на НАТО.
„Ова ќе ги направи побезбедни, НАТО посилен и евроатлантската област побезбедна“, истакна генералниот секретар на НАТО.
Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, еден од учесниците на состанокот на НАТО, се очекува да се сретне со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Чавушоглу вчера најави дека денес ќе се одржи и средба со шефовите на дипломатиите на Шведска и Финска во трипартитен формат.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека безбедносните грижи на Анкара ќе бидат разгледани во рамките на трипартитниот меморандум од јуни.
Шведска и Финска формално поднесоа барање за влез во НАТО во мај, напуштајќи го децениското воено неврзување, одлука поттикната од руската инвазија врз Украина.
Туркије, од своја страна, изрази приговори на нивните кандидатури за членство, обвинувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.
Туркије и двете нордиски земји потпишаа меморандум во јуни на самитот на НАТО во Мадрид за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, отворајќи го патот за членство на Финска и Шведска во НАТО.
Финска и Шведска, според меморандумот, ќе ѝ даваат целосна поддршка на Туркије во спротивставувањето на заканите за нејзината национална безбедност. За таа цел, Хелсинки и Стокхолм нема да ѝ даваат поддршка на терористичката организација ЈПГ/ПЈД или на ФЕТО, која стои зад неуспешниот пуч во Туркије во 2016 година.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 лица, меѓу кои има жени, деца и доенчиња.
Турските власти, вклучително и претседателот Реџеп Таип Ердоган, предупредија дека Туркије нема да го одобри членството на Шведска и Финска во НАТО сѐ додека не се имплементира меморандумот.
Потребна е едногласна согласност од сите 30 постоечки сојузнички земји за една земја да стане членка на НАТО.
news_share_descriptionsubscription_contact


