Riyaz Ul Khaliq
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
ДАКА (АА) - Рохинџа бегалците во Бангладеш се спротиставија на воениот удар во Мјанмар, изразувајќи загриженост за безбедноста на најблиските, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се плашиме дека мјанмарската војска повторно ќе покрене акција“, изјави 35-годишниот Мухамед Ансар, еден од над 750.000 Рохинџи кои избегнаа од бруталното насилство и прогон по воената акција во Мјанмар во 2017 година.
Тој рече дека не верува оти тие некогаш ќе ја напуштат власта.
Илјадници муслимани беа убиени и силувани во земјата во која мнозинство се будистите.
Бангладеш згрижи повеќе од милион Рохинџи во импровизираните кампови во Кокс Базар, кој се смета за најголем град каде што се сместени бегалци во светот. Речиси 600.000 од нив сè уште живеат во југоисточната азиска земја без државјанство и без право на глас.
Војската сега ја презеде власта во Мјанмар, по приведувањето на државната советничка Аунг Сан Су Чи (функција еквивалентна на премиер) и прогласи вонредна состојба на една година. Државниот удар следуваше по убедливата изборна победа на владејачката партија Национална лига за демократија во ноември 2020 година.
„Не сме во можност да ги контактираме роднините во Аракан поради честите прекини на мобилната мрежа“, изјави 36-годишната Џумалида Бегум.
Таа истакна дека имаат информации дека Војската би можела да покрене нов напад, и дека е многу загрижена.
Педесет и седумгодишниот Рахмат Карим изјави дека сета надеж за враќање во татковината е изгубена откако на 1 февруари војската на Мјанмар ја презеде власта. Тој смета дека тоа сега е потполно невозможно.
Властите на Мјанмар претходно соопштија дека се посветени на репатријацијата според билатералниот договор со Бангладеш.
Студентот Амир Али рече дека е грешка на Су Чи да работи и да соработува со војската, која има право на 25 отсто од местата во Парламентот. „Не се надеваме на ништо добро од Војската“, рече тој.
Су Чи во Меѓународниот суд на правдата во 2019 година ги негираше обвинувањата дека Војската извршила геноцид. Таа ја доби Нобеловата награда за мир во 1991 година.
„Ние не го поддржуваме пучот. Бевме и секогаш сме за демократија“, изјави за АА, Мухамед Ајуб Кан, кој е на чело на Мјанмарската организација за солидарност со Рохинџите.
Тој додаде дека и цивилните и воените режими подеднакво ги прогонувале Рохинџите. „Дури и Националната лига за демократија на Су Чи не успеа да го запре геноцидот во Аракан“, рече Кан.
Тој изрази решеност да се продолжи борбата за правата на малцинската заедница, без оглед на тоа кој е на власт.