МОСКВА (АА) - Во услови на тензии околу проектилот што падна во источна Полска и уби 2 лица, Русија денеска соопшти дека сите нејзини напади во Украина вчера биле извршени само на територијата на таа земја и на најмалку 35 километри од полската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за одбрана на Русија се наведува дека нападите биле извршени со оружје со висока прецизност, а цел била украинската воена команда и енергетските системи поврзани со неа.
„Сите напади врз воениот команден систем на Украина точно ги погодија предвидените цели“, истакнаа од Министерството.
Се додава дека фотографиите од урнатините во полското село Пржеводов, кое беше погодено синоќа, ги прикажуваат остатоците од украинскиот противвоздушен систем С-300.
„Тврдењата дека руски проектили паднале врз Пржеводов, населено место во Полска, се провокации со цел дестабилизација на ситуацијата“, тврди руското Министерство за одбрана.
Оттаму, исто така, ги отфрлија наводите за напади во главниот град на Украина, нагласувајќи дека „уништувањето на урбаните области во Киев е резултат на падот и самоуништувањето на проектилите истрелани од украинските војници“.
Синоќа полските власти објавија дека проектил паднал во селото Пржеводов.
Американските воени претставници денеска изјавија дека прелиминарните информации укажуваат дека проектилот бил истрелан од украинските сили кон влезниот руски проектил.
Претходно, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека не е „веројатно“ проектилот од кој загинаа 2 лица во Полска, членка на НАТО, да е истрелан од Русија.
Амбасадорите на НАТО ќе се сретнат денеска за да разговараат за инцидентот во Полска.