Elena Teslova
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес изјави дека САД се обидуваат да ја соборат венецуелската Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
„Новите американски санкции кон Венецуела се со цел продлабочување на кризата и промена на легитимната Влада“, изјави Лавров за време на прес-конференцијата по состанокот со неговиот колега од Сиера Леоне, Алие Каба.
„Загрижени сме поради она што САД и нивните сојузници ѝ го прават на Венецуела, строго прекршување на меѓународното право и очигледно создавање на отворен пат кон соборување на легитимната власт”, изјави тој.
Лавров нагласи дека САД презеле слични мерки за да ги замрзнат банкарските сметки во Куба, Ирак, Иран, Либија, Никарагва, Панама и во други земји.
„И на крајот овие пари беа конфискувани“, изјави тој.
„Ова грубо ги поткопува последните остатоци на доверба во меѓународниот монетарен и финансиски систем заснован на надмоќноста на доларот“, рече тој.
„Тоа, исто така, ја влошува кризата во венецуелското општество и служи за поттикнување на опозицијата на нелегални активности. Според нашите информации, опозициските лидери добија инструкции од Вашингтон да не прават никакви концесии, додека режимот не се откаже од власта на еден или на друг начин.“
Лавров, исто така ја критикуваше одлуката за ослободување на американските компании во Венецуела од санкции, нарекувајќи ја „цинична“.
Коментирајќи го тоа што камерите вчера го забележаа, а тоа се зборовите „5.000 трупи во Колумбија“, напишани на бележник кој го користел американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, Лавров изјави: „Повиците за воена интервенција во Венцуела стануваат сѐ посилни.“
Колумбија и Венецуела делат иста граница која е долга 2.200 (1.367 милји) километри.
Минатата недела, лидерот на венецуелското Национално собрание, кое е предводено од опозицијата, Хуан Гваидо, се самопрогласи за претседател на Венецуела, потег кој веднаш доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп.
Русија и Кина се спротивставија на поддршката на САД за Гваидо и осудија какво било меѓународно мешање во Венецуела. Турција и Иран исто така го поддржаа Мадуро.
- Реформи на Советот за безбедност на ОН
На прес-конференцијата, министерот за надворешни работи на Сиера Леоне, Алие Каба, повика на реформи во Советот за безбедност на ОН.
„Бидејќи африканските земји се крајно недоволно застапени, Советот треба да има две африкански земји коишто ќе бидат постојани членки и две непостојани членки“, рече тој.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган долго време се залага за реформи во структурата на Советот за безбедност на ОН, тврдејќи дека тоа е грубо нерепрезентативно, користејќи го слоганот „Светот е поголем од пет“.