Suhib Mohammad Nemed Abed,Hacer Başer
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Сириската опозиција е незадоволна со ангажманот на Русија кога е во прашање одржувањето на договорот за прекин на огнот во Сирија, и смета дека војската на Асад и сојузниците на режимот сериозно го нарушиле примирјето во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Член на политичкото биро на Умерената сириска опозиција, Рами Далати, во разговор за АА изјави дека Русија не успеала да го исконтролира режимот на Асад и другите терористи.
„Режимот на Асад не престана да го крши примирјето, а Русија остана слаба кога е во прашање гарантирањето на примирјето, бидејќи, оние што го имаат зборот на копно се Иранци, а Русите се влијателни од воздух“, изјави Далати.
Тој истакна дека политичкиот притисок на Русија е многу послаб од силите на Хезболах и шиитските милитанти.
„Сите прекршувања на примирјето најпрво ги започнува Иран. Уште третиот ден по стапувањето на примирјето на сила видовме режимски авиони. Тоа е најдобар показател дека на режимот воопшто не му е грижа дали примирјето ќе биде успешно. Моментално, примирјето е сериозно нарушено“, изјави Далати.
Шефот на политичкото биро, Јајш ал-Ислам Мухамед Бајрактар се осврна на случувањата во Источна Гута, и изјави дека тамошните случувања не можат да се наречат кршење на примирјето.
„Таму на сцена е војната. Режимот на Асад бомбардира, шиитските милитанти и понатаму напаѓаат. Во Источна Гута и во долината Барада состојбата пред и по примирјето не се смени, а нападите продолжија“, изјави Бајрактар.
Портпаролот на движењето Ахрар Ал-Шам Ахмед Али истакна дека режимот на Асад настојува да го искористи примирјето за да ја преземе контролата над регионите околу главниот град Дамаск.
„Шиитските милитанти кои се борат во редовите на режимот на Асад го убиваат својот народ и вршат страшни злосторства. Освен тоа, Асад им овозможува во потполност да ја менуваат демографската структура во регионите во кои се наоѓаат“, порача Али.
Прекинот на огнот меѓу опозицијата и режимските сили стапи на сила на 30 декември, во 00.00 часот. Гаранти на договорот се Турција и Русија. Договорено е дека доколку страните го почитуваат примирјето, во главниот град на Казахстан, Астана, ќе започнат мировни преговори.