Elena Teslova,Emre Gürkan Abay
05 Март 2022•Ажурирај: 05 Март 2022
МОСКВА (АА) - По преговорите со украинските власти, Русија денес прогласи привремен прекин на огнот за отворање хуманитарни коридори за два украински града, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Руското Министерство за одбрана објави прекин на огнот за безбедно минување на цивилите од градовите Мариупол и Волноваха, се наведува во соопштението на Министерството.
„Денеска, 5 март, од 10 часот по московско време, руската страна прогласува прекин на огнот и отвора хуманитарни коридори за цивилите да ги напуштат Мариупол и Волноваха“, се додава во соопштението.
Се наведува дека коридорите и излезните рути биле договорени со украинската страна.
Според градоначалникот на градот Мариупол, Вадим Бојченко, жителите на Мариупол, кој неколку дена е под силно гранатирање од руските сили, биле принудени да живеат без храна, вода и струја.
Мариупол е клучен пристаништен град, додека Волноваха се наоѓа кон внатрешноста во источниот регион Доњецк, чиешто признавање како „независен“ од Русија дојде во пресрет на 10-дневната војна.
Соопштението уследи по втората рунда преговори меѓу Русија и Украина за ставање крај на руско-украинската војна.
Русија и Украина се договорија да се воспостават хуманитарни коридори за евакуација на цивилите и за испорака на храна и лекови, изјави во четвртокот член на преговарачката делегација на Украина по преговорите.
Војната на Русија против Украина беше дочекана со гнев од меѓународната заедница, при што ЕУ, Велика Британија и САД, меѓу останатите земји, воведоа низа економски санкции кон Русија.
Според податоците на ОН, најмалку 331 цивил се убиени, а 675 се повредени во Украина од почетокот на руските напади.
Над 1,2 милиони луѓе пребегаа од Украина во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации.