Kasım İleri
19 Септември 2020•Ажурирај: 20 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Централната команда на вооружените сили на Соединетите Американски Држави (CENTCOM) соопшти дека во североисточниот дел на Сирија испратиле радар од типот „Сентинел“ и оклопни возила од категоријата „Бредли“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Централната команда на вооружените сили на САД даде инструкции за да се направат одредени чекори, со цел поддржување на безбедноста на коалициските сили во североисточниот дел на Сирија. Испратен е радар од типот „Сентинел“ за зголемување на патролите на воените авиони на американските сили, и оклопни борбени возила „Бредли“ за поддршка на американските војници во безбедносната зона во Сирија“, рече Бил Урбан, портпарол на ЦЕНТКОМ.
Урбан нагласи дека овие чекори се направени со цел да се овозможи американските сили да ја продолжат борбата против терористичката организација ДЕАШ.
„Министерството за одбрана и порано испрати возила „Бредли“ во Сирија. САД немаат намера во Сирија да бидат во конфликт со која било земја, но доколку е потребно, ќе ги заштитат коалициските сили“, рече тој.
Урбан одговори на прашањата од новинарот на АА во врска со оваа тема, и додаде: „Овие возила и радарскиот систем ќе бидат користени од страна на американските војници.“
Запрашан околу бројката на испратени оклопни возила во регионот, тој рече дека не сака да одговара на ова прашање поради безбедносни причини.
Американската Војска, која се повлече од одредени точки во североисточниот дел на Сирија, ја продолжува својата соработка со терористичката организација ЈПГ/ПКК, што го користи името СДГ, а исто така заедно со оваа организација продолжуваат да ги контролираат нафтените објекти во источниот дел на земјата.