Ekipa
12 Август 2019•Ажурирај: 14 Август 2019
ИРИ
Најмалку 5 деца, меѓу кои и едно бебе, настрадаа во пожар кој зафати центар за дневен престој во Пенсилванија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Жртвите од пожарот во Ири се на возраст од 8 месеци до 7 години“, изјави Гај Сантон, шеф на противпожарната бригада.
„Најмалку 4 од жртвите преноќиле во куќа која е претворена во центар за дневен престој“, изјави инспекторот Џон Видомски.
„Пожарот избувнал во 1:15 часот по полноќ и избиваше од сите прозорци на првиот кат во моментот кога противпожарните екипи пристигнаа на самото место“, рече Видомски.
Валери Локет-Слупски, баба на четири настрадани деца, изјавила дека децата ноќта ја минале во центарот, бидејќи родителите им работеле ноќна смена. Таа рече дека родителите имале две момчиња и две девојчиња и дека го користеле центарот во текот на целата година.
Како што пренесуваат локалните медиуми, пожарот најверојатно избувнал во дневната соба на првиот кат од куќата. Сѐ уште не е позната причината за избивањето на пожарот, а во тек е истрага за настанот.
Сопственикот на центарот е хоспитализиран и се наоѓа во стабилна состојба, а во пожарот е повреден и еден од соседите.