Michael Gabriel Hernandez
29 Ноември 2022•Ажурирај: 30 Ноември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Соединетите Американски Држави (САД) го поддржаа правото на Република Туркије на самоодбрана по неодамнешниот терористички напад во Истанбул, но ја истакнаа и потребата од деескалација во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Туркије продолжува да биде жртва на терористички напади, без разлика дали се во близина на таа граница или на друго место во земјата. И тие имаат право да се бранат себеси и своите граѓани од напади“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.
Нагласувајќи дека САД имаат свои војници подготвени да ги нападнат терористите на ДЕАШ во Сирија, Кирби рече дека САД не сакаат да видат акции, особено внатре во Сирија, кои ќе доведат до потенцијални нови жртви и дополнителни загуби на невини животи.
„Ние, исто така, не сакаме да видиме акции од Туркије или некој друг во Сирија што би можеле да ги загрозат животите на Американците, бидејќи таму има Американци кои им помагаат на СДФ“, додаде тој.
СДФ се американски партнери во Сирија предводени од ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК. Поддршката на САД за ЈПГ долго време предизвикува тензии во билатералните односи меѓу Анкара и Вашингтон.
Пентагон минатата среда изрази загриженост поради турските воздушни напади во северна Сирија, велејќи дека тие претставуваат закана за американскиот персонал и ѝ штетат на борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Пентагон, исто така, рече дека САД ги препознаваат легитимните безбедносни грижи на Туркије и најавија дека ќе продолжат да разговараат со Анкара и локалните партнери за одржување на договорот за прекин на огнот.
Во утринските часови на 20 ноември, турските сили ја започнаа операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна операција против терористичката организација ЈПГ/ПКК, која има нелегални засолништа низ ирачката и сириската граница, од каде планира напади на турската територија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије останува решена да воспостави безбедносна зона долга 30 километри долж нејзините граници.
„Не треба да добиваме дозвола од никого додека преземаме чекори кои се однесуваат на безбедноста на нашата татковина и нашиот народ и нема да одговараме никому“, рече Ердоган.