Betül Yürük
12 Јули 2019•Ажурирај: 15 Јули 2019
ЊУЈОРК (АА) – БЕТУЛ ЈУРУК - Во Соединетите Американски Држави (САД) оваа година најголем проблем со невработеноста имаат новинарите, кои често се нападнати од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
И покрај тоа што стапката на невработеност во САД падна на најниско ниво во последните 50 години и изнесува 3,7 отсто, бројот на невработени новинари во земјата од ден на ден се зголемува.
Според информациите на новинарот на AA, кои се базираат на податоците од Центарот за истражување „Пју“ („Pew“), бројот на медиумските работници во САД во периодот 2008-2017 година е намален за 25 проценти.
Во тој период во медиумскиот сектор работеле 114.000 луѓе. Овој број минатата година се намали на 86.000. Во последните 10 години, 28.000 медиумски работници ги изгубија своите работни места.
- За 5 месеци три илјади новинари останаа без работа
Според компанијата „Challenger, Gray & Christmas“ од Чикаго, во првите пет месеци од оваа година околу 3.000 новинари биле отпуштени од работа.
Податоците покажуваат дека стапката на невработеност кај новинарите во 2019 година достигна највисоко ниво по „големата рецесија“ во 2008 година, која е опишана како најголемата економска криза во САД, по „големата криза“ во 1929 година.
Меѓу медиумите што ги отпуштиле или морале да ги отпуштат новинарите од работа, покрај локалните телевизии и весници, се наоѓаат и големите медиуми како што се телевизијата „Си-ен-ен“, весникот „Волстрит џурнал“, „Хафпост“ и „Јаху“, кои се наоѓаат под компанијата „Веризон медија гроуп“, и дигиталните платформи „Вајс медија“ (Vice media) и „Базфид“ („BuzzFeed“).
- Најмногу новинари останаа без работа во весниците
Најмногу отпуштања во медиумскиот сектор имаше во весниците. Во периодот 2008-2018 година бројот на вработени по весниците се намали за 47 проценти.
Бројот на вработени во последните 10 години се намали од 71.000 на 38.000.
- Се намалуваат рекламните приходи на весниците
Покрај во дигиталните публикации, рекламните приходи особено се намалуваат и во печатените медиуми. Конкуренцијата е сè потешка поради гигантите како што се Гугл и Фејсбук, кои го земаат најголемиот дел од рекламните приходи.