Muhammet Nusret Altun
16 Август 2019•Ажурирај: 19 Август 2019
СЕУЛ (АА) - Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја лансираше две балистички ракети со краток дострел во Источното Море, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Јужнокорејската армија се истакнува дека Северна Кореја во источниот дел тестирала две балистички ракети. Ракетите по летот од 230 километри, паднале во Источното Море, помеѓу Јапонија и Корејскиот Полуостров.
Во соопштението, исто така, се истакнува дека лансираните ракети на Северна Кореја одблиску се следени од страна на Јужна Кореја и САД и дека се подготвени за секаков развој на настаните.
„За темата бил информиран и претседателот на Јужна Кореја, Мун Је Ин“, се истакнува во соопштението и се додава дека администрацијата на Пјонгјанг е предупредена да не презема чекори кои придонесуваат за зголемување на тензиите во регионот.
Денешниот тест беше шести ракетен тест на администрацијата на Пјонгјанг, од 25 јули.
Од друга страна, јапонското Министерство за одбрана соопшти дека ракетите не стигнале до јапонските територијални води или економската зона.
- „Беспредметно е да се мисли дека преговорите ќе започнат повторно“
Во меѓувреме, агенцијата „Јонхап“, во веста базирана врз официјалната агенција KCNA на Северна Кореја, соопшти дека Северна Кореја не размислува за продолжување на преговорите со Јужна Кореја и дека би било „беспредметно“ да се мисли дека разговорите ќе продолжат кога ќе завршат вежбите во партнерство на Јужна Кореја и САД.
„Тие можат да разберат како се чувствуваме сега. Немаме што да разговараме со властите во Јужна Кореја и немаме намера повторно да преговараме со нив“, се истакнува во соопштението.
Администрацијата на Пјонгјанг претходно изјави дека дијалогот не може да продолжи сè додека администрацијата на Сеул не обезбеди „разумен изговор“ за заедничката вежба со САД.
- Заедничка воена вежба од Јужна Кореја и САД
Соединетите Држави и Јужна Кореја на 5 август ја започнаа заедничката вежба наречена „19-2 Донг Маенг“. Како што беше истакнато, вежбата е насочена кон подобрување на способноста на сојузниците за да се справат со неочекуваните ситуации на Корејскиот Полуостров. Вежбата се очекува да трае до 20 август.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, во изјавата дадена на 16 јули, истакна дека ако се реализира заедничката вежба „19-2 Донг Маенг“, Пјонгјанг ќе го преиспита постигнатиот договор за продолжување на преговорите со Вашингтон.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во соопштението од 6 август истакна дека заедничките вежби меѓу Јужна Кореја и САД се спротивни на мировните преговори меѓу страните.