Ekip
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
АНКАРА
Северна Кореја денеска потврди дека ден претходно ја тестирала својата новоразвиена хиперсонична ракета, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претставник на севернокорејската одбрана изјави дека Академијата за одбранбени науки на оваа земја во средата тестирала хиперсонична ракета.
Пробното лансирање го следеа највисоките лидери на Работничката партија на Кореја и други официјални претставници на одбраната.
„Последователните успеси во пробните лансирања во секторот за хиперсонични ракети имаат стратешко значење бидејќи ја забрзуваат модернизацијата на стратешките вооружени сили на државата, како што е истакнато на 8. Конгрес на партијата, и помагаат да се исполни најважната суштинска задача од петте приоритетни задачи за секторот на стратешко вооружување во петгодишниот план“, се наведува во соопштението објавено од Корејската централна новинска агенција.
Проектилот направил „странично движење од 120 километри“ од почетниот азимут и прецизно ја погодил поставената цел на 700 километри.
Беше тестирана и веродостојноста на системот на ампули за гориво во зимски временски услови.
Во октомври минатата година Северна Кореја за првпат потврди дека развила хиперсонична ракета и ја тестирала.
„Хиперсоничните ракети обично летаат петпати со поголема брзина на звукот, или 6,125 километри на час, што им дава малку време на непријателите да одговорат“, објави новинската агенција „Јонхап“.
Во средата војската на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја истрелала балистичка ракета кон Источното Море во првиот таков тест во новата година.
По новиот ракетен тест, севернокорејскиот претседател Мун Џае-Ин ја повика Северна Кореја да направи напори за дијалог за да се надмине моменталната ситуација во регионот.
Тензиите се зголемени на Корејскиот Полуостров откако и Пјонгјанг и Сеул тестираа балистички ракети во октомври минатата година.