Riyaz Khaliq Khaliq
19 Декември 2022•Ажурирај: 20 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Северна Кореја направи подготвителни тестови за лансирање на воен извидувачки сателит, најверојатно на почетокот на следната година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тестирањата се извршени вчера, при што Пјонгјанг истрела две балистички ракети со среден дострел од областите Тонгчанг-ри во Источното Море, објави Јужна Кореја.
Во својот последен развој на полето на одбраната, Пјонгјанг соопшти дека извршил „важен тест во последната фаза на постројката за лансирање ракети за ставање воен сателит за извидување во орбитата, со план да ги заврши подготовките за проектот до април следната година“, објави Сеул за новинската агенција „Јонхап“.
Се додава дека тестирањето било спроведено во центарот за лансирање на сателити „Сохае“ за да се „оценат способностите на сателитската фотографија и системот за пренос на податоци, и системот за контрола од земја“.
Националната управа за развој на воздушниот простор на Пјонгјанг потврди дека лансирала „тестен сателит“ под висок агол до височина од 500 километри.
„Северна Кореја ќе ги заврши подготовките за првиот воен извидувачки сателит до април 2023 година“, соопшти администрацијата.
„Овој тест беше последниот процес за лансирање на таков вид сателит“.
Минатата недела Пјонгјанг соопшти дека извршил успешен тест на мотор со цврсто гориво со висок потисок, опишувајќи го како ново „стратешко оружје“ и прво во земјата од таков вид.
Последното тврдење доаѓа повеќе од еден месец откако Северна Кореја лансира десетици ракети и проектили во услови кога во регионот се спроведуваат заеднички воени вежби на САД и Јужна Кореја.