Ekipa
10 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја утринава лансираше два проектила со краток дострел, и покрај понудата за дијалог до Соединетите Американски Држави само неколку часа претходно, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Проектилите беа испукани во отворени води, но прво прелетаа преку копно преку Корејскиот Полуостров од покраината Јужен Пјонгјанг“, се соопштува од Генералштабот на Јужна Кореја.
Ова лансирање на Северна Кореја, по 17-дневно затишје, претставува 10-то ракетно тестирање годинава, во услови кога Пјонгјанг врши одреден притисок врз САД, поради нивниот застој во дијалогот.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео минатата недела изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп би бил многу разочаран доколку севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун не се врати на преговорите за денуклеаризација.
Трамп и Ким се согласија да ги продолжат разговорите на работно ниво на средбата која се одржа во танпон-зоната на границата меѓу двете Кореји во јуни.
Првата заменик-министерка за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон Хуи, преку државната новинска агенција КЦНА (KCNA) во Пјонгјанг изјави дека нејзината земја е подготвена да го одржи дијалогот кон крајот на овој месец, и го повика Вашингтон да понуди прифатлив предлог.