Burak Karacaoğlu
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
ИДЛИБ (АА) - Во сирискиот регион Хан Шејхун, недалеку од Идлиб, кој на 4 април беше цел на напад со хемиско оружје од страна на силите на Асад, денес се собраа семејствата на жртвите од овој напад, јавува Anadolu Agency (AA).
Во нападот со хемиско оружје во Хан Шејхун, на 4. април, загинаа повеќе од 100 лица, а повеќе од 500 ги почувствуваа последиците од вдишувањето на отровниот гас.
Сириските семејства денес се собраа во центарот на Хан Шејхун, по петочната молитва џума-намаз, пет месеци по нападот. Во таа пригода упатија повик до ОН да ги преземат неопходните чекори во врска со нападот.
„Асад, кој уби 100 лица со хемиско оружје е слободен“, „Меѓународните организации ја утврдија одговорноста, што повеќе чекаат?“ се само некои од транспарентите испишани на арапски и на англиски јазик, кои можеа да се видат за време на протестите.
Абдулхамид Ал Јусуф за време на нападот со хемиско оружје ги изгуби деветмесечните близначиња.
„Ги изгубив ќерката Аја и синот Ахмед. Имаа само девет месеци. Од моето семејство настрадаа 21 лице. Нема да го заборавиме нападот со хемиско оружје, ниту ќе им простиме на убијците“, изјави Јусуф.
Независната комисија на ОН за Сирија на 6. септември потврди дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во нападот на 4. април годинава, во местото Хан Шејхун во Идлиб користеле забрането хемиско оружје, гас сарин.