Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
01 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Режимот на Башар ал Асад врши напади и ги опожарува полињата во руралните области на сириските покраини Идлиб, Алепо и Хама, спречувајќи ги земјоделците да ги собираат посевите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили запалија илјадници хектари полиња со пченица со методот на напад наречен „бомба за глад“. Тие имаат за цел да ги спречат земјоделците да ги соберат посевите и десетици илјади цивили да умрат од глад.
Во изјавата за АА, претседателот на Локалниот совет на областа Кастон во Хама, Мидјен ел Хусеин, рече дека режимот предизвикал голема штета со палењето на полињата со пченица, кои се единствениот извор за егзистенција на луѓето во регионот.
„Режимот на Асад, прекршувајќи го примирјето, запали 2.500 декари полиња со пченица (само во неговата област)“, рече Мидјен ел Хусеин.
Наведувајќи дека земјоделците чии полиња се изгорени почнале да бараат работа во други земјоделски подрачја, Ел Хусеин додаде: „Или пак, земјоделците почнаа да чекаат пакети со храна во импровизираните шатори.“
Земјоделецот Халит Ебу Ахмед, кој се врати во своето село по договорот за прекин на огнот во Идлиб меѓу Турција и Русија постигнат во март 2020 година, рече дека режимот на Асад често го крши примирјето и ги опожарува посевите во селото Дукмак во западниот дел на Хама.
Посочувајќи дека одвреме-навреме режимот на Асад продолжува да ги опожарува земјоделските површини, Ебу Ахмед додаде: „Режимот изгоре околу 400 хектари полиња со пченица во селото Дукмак. Земјоделците со трактори ги гаснеа пожарите на полињата“, рече тој.
Додаде дека и неговата нива е опожарена во нападите на режимот, и дека земјоделците поради страв ги собираат своите посеви пред сезоната.