Mehmet Nuri Uçar
10 Август 2018•Ажурирај: 12 Август 2018
АДЕН (АА) - Во северниот дел на Јемен, во областа Сада, нападнат е автобус што превезувал деца. Во нападот животот го загубија 50 лица, а 77 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC), преку својот профил на социјалната мрежа Твитер објави: „Северно од Сада, во чаршијата на местото Дахјан, извршен е напад врз автобус што превезувал деца. Во нападот животот го загубија 50 лица, а 77 се ранети“.
Во соопштението се наведува: „Ниту едно дете не треба да ја плати цената на војната што ја предизвикаа возрасните. Цивилите не треба да се цел“.
ICRC претходно информираше дека во чаршијата на градот Дахјан е извршен напад врз автобус што превезувал деца, во кој животот го загубија 29 деца под 15 години, а ранети се 48 лица, од кои 30 се деца.
- Соопштение на коалициските сили предводени од Судиска Арабија
Според веста што ја објави официјалната Информативна агенција на Саудиска Арабија „СПА“ (SPA), портпаролот на коалициските сили, полковник Турки ел Малики, дал писмено соопштение во кое вели: „Земањето на местото Сада како цел е легитимна воена акција“. Полковникот Малики, посочувајќи на нападот врз цивилите во градот Џизан во Саудиска Арабија, во кој имаше загинати и ранети, рече дека во акцијата како цел биле земени елементите што го планирале и извршиле овој напад.
Полковникот Малики додаде дека оваа акција „е во согласност со меѓународното хуманитарно право“ и истакна дека коалициските сили ќе ги преземат сите потребни превентивни мерки против „криминалните и терористички активности на милитантите Хуси кои се поврзани со Иран, кои ги мобилизираат децата за војна и ги користат како алатка на военото поле“.
Хусите извршија воен удар врз легитимната власт во Јемен. Од септември 2014 година наваму, главниот град Сана и некои други подрачја во земјата се под контрола на Хусите. Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија од март 2015 година им даваат поддршка на воените сили кои потпаѓаат под легитимната власт и се борат против Хусите.