Bojana Stojanovic
03 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - „НАТО силно го поддржува дијалогот помеѓу Белград и Приштина, и кога станува збор за „можното усогласување на границите“, и се надевам дека двете страни ќе најдат заемно прифатливо решение“, изјави денес во Брисел генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, укажувајќи на важноста од тоа сите фактори да се воздржат од предизвикувачки потези, пренесува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг имаше обраќање во пресрет на состанокот на шефовите на дипломатии на земјите членки на НАТО, кои в среда со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги разгледуваат односите на НАТО со земјите од Западен Балкан.
Запрашан дали Алијансата стравува дека решението во дијалогот меѓу Белград и Приштина може да има последици по безбедноста доколку би вклучилo некои „корекции на границите“, Столтенберг рече дека „НАТО силно го поддржува дијалогот, бидејќи тоа е единствениот начин да се најде одговорот за нерешените прашања“.
„Кога станува збор за можни гранични усогласувања, нагласувам дека НАТО го поддржува дијалогот и се надевам дека двете страни ќе најдат решение кое ќе биде прифатливо и за Белград и за Приштина“, изјави Столтенберг.
Според зборовите на Столтенберг, важно е сите чинители да се воздржат од предизвикувачки потези и провокациски пораки и да настојуваат да ја намалат затегнатоста и да остварат напредок.
„НАТО ќе продолжи да биде присутен во Косово, таму е нашата оперативна мисија КФОР, која е значајна за стабилноста“, истакна тој.
„КФОР и понатаму ќе биде непристрасен со цел да бидеме сигурни дека стабилноста и безбедноста ќе бидат загарантирани и дека ќе дојде до напредок на политичките напори за да се дојде до решение преку политички преговори“, заклучи генералниот секретар на НАТО.