Ahmet Furkan Mercan
12 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
ТОКИО (АА) - Тајванска компанија за производство на полупроводници (Taiwan Semiconductor - TSMC), еден од лидерите во индустријата за производство на микрочипови, соопшти дека во Јапонија ќе основа фабрика за производство на чипови во вредност од 7 милијарди долари, известува Агенција Анадолија (АА).
Кризата за полупроводници со која се соочуваат производителите низ светот, продолжува да влијание врз светското производство, од автомобилската индустрија до паметните телефони, од таблетите до конзолите за игри.
Компанијата за полупроводници ТСМК со седиште во Тајван, објави дека ќе изгради производствен погон во вредност од 7 милијарди долари во југозападна Јапонија, за да го ублажи глобалниот јаз во снабдувањето со чипови.
„Среќни сме што ја имаме поддршката од нашиот долгогодишен клиент „Сони“, со цел да се поддржи овој сектор со нова фабрика во Јапонија“, изјави Ц. Ц. Веи, извршниот директор (CEO) на ТСМК.
Шимицу Теруши, извршниот директор на „Сони семикон“, кој ќе има удел во инвестицијата, изјави дека поради настанатиот глобален недостиг од полупроводници, имаат за цел „да обезбедат стабилно снабдување со чипови во партнерството со технолошкиот лидер ТСМК“.
ТСМК има за цел во 2022 година да ја започне изградбата на својата нова фабрика во Кумамото, во југозападниот дел на Јапонија, а во употреба да биде пуштена во 2024 година.
Овој проект во кој „Сони“ ќе инвестира 500 милиони долари, ќе биде поддржан од јапонската Влада и ќе обезбеди вработување за 1.500 луѓе.