Övünç Kutlu
09 Декември 2017•Ажурирај: 10 Декември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Илјадници луѓе се собраа на Тајмс сквер (Times Square) во Њујорк поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп со која го призна Ерусалим како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Се собраа голем број Палестинци и други муслимани кои живеат во САД. Тие ги извикуваа слоганите „Палестина ќе биде слободна", „Израел е терорист, а Палестина е слободна", „Да живее Палестина". Тие носеа и транспаренти на кои пишуваше „Ерусалим е црвена линија".
Меѓу демонстрантите беше и дваесетгодишната Фатима. Таа рече дека е заедно со палестинскиот народ. И Ахмад М. (22) го дели истото мислење. Според него, владата на Трамп треба да ја преиспита оваа одлука.
Мохамед пред десет години дошол во САД за да студира, но сега смета дека расизмот расте откако Трамп дојде на функцијата претседател на оваа земја. Поддршка имаа и од православните евреи.
Протести против одлуките на Трамп, меѓу другото, се одржаа во Македонија, Индонезија, Египет, Мавританија, Јордан, Малезија, Пакистан и Судан.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата го призна Ерусалим како главен израелски град и најави преместување на амбасадата на неговата земја од Тел Авив и покрај силното противење од меѓународната заедница.
Ерусалим останува во центарот на израелско-палестинскиот конфликт, а Палестинците се надеваат дека источниот Ерусалим, кој моментално е под израелска окупација, ќе биде главен град на идната палестинска држава.