Levent Tok,Mohamad Misto,Selen Temizer
12 Март 2018•Ажурирај: 13 Март 2018
АФРИН/АНКАРА (АА) - ЛЕВЕНТ ТОК - Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната војска на Сирија (ФСА), во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ пристигнаа на еден и пол километар до целосна опсада на центарот на Африн, кој под окупација го држат терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската војска и силите на сириската опозиција во изминатите 24 часа ослободија 18 точки во близина на Африн, а репортерската екипа на АА со дрон од воздух го сними центарот на градот.
Според картографските пресметки на АА, турските сили од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ од терористите ослободиле 1.100 километри квадратни територија во сирискиот пограничен регион Африн.
Турските сили и силите на сириската опозиција од југоисточниот дел од центарот на градот Африн ги делат уште еден и пол километар, а за целосна опсада на Африн и од јужната страна е потребно да се ослободат уште три и пол километри територија.
Во екот на напредувањето на турските сили и стегањето на обрачот околу центарот на Африн, терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ се концентрираа во центарот на градот, каде што ги донесоа цивилите од околните места за да ги користат како жив штит.
Терористите во центарот на Африн не им дозволуваат на цивилите да го напуштат градот, туку ги принудуваат да копаат ровови и канали околу градот.
Северозападниот сириски регион Африн се граничи со турските области Хатај и Килис. Тој дел на границата, во облик на полумесечина, од минатата седмица е целосно под контрола на турските сили и Слободната војска на Сирија.
Од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ досега во Африн се ослободени пет града. Во продолжение на операцијата, турските сили имаат намера целосно да го заземат и центарот на подрачјето и преостанатото гратче Мабатли, кое се наоѓа северозападно од центарот на градот Африн.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.