Havva Kara Aydın
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
ТЕЛ АБЈАД
Жителите во северната сириска област расчистена од терористите за време на операцијата „Извор на мирот“, во моментот на враќање во татковината, ги пронаоѓаат своите домови во руина, бидејќи терористите на ЈПГ/ПКК при повлекувањето им ги запалиле домовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Некои од цивилите кои привремено ги напуштија нивните домови во подрачјето на Тел Абјад, поради нивна безбедност, откако се вратија ги затекоа своите домови изгорени.

Жртвите од теророт на ЈПГ/ПКК ги реконструираат нивните домови, за да започнат нов живот во подрачјето.
„Терористите ги уништија нашите куќи откако слушнаа дека турските сили доааѓат во подрачјето“, изјави Зејнеп ал Хумејди, еден од жителите на Тел Абјад.
„Најмалку 9 или 10 куќи се запалени од страна на терористите и нема ништо останато, дури ни ѕидовите“, изјави Мухамед Муса Хусеин, друг жител.
Тој е невработен и 12 дена работел на повторна изградба на својата куќа, каде што живеел со своето осумчлено семејство.
Тој нагласи дека додека го напуштале подрачјето, терористите поставиле неколку бомби во нивните домови и дека сега турските војници го расчистуваат подрачјето од бомбите.

Уште еден жител на Тел Абјад, Ахмед Али ел Иса и неговите две деца останаа без својот дом. Засега, тие престојуваат кај сосед.
„Тие ги запалија нашите домови, без да бидеме виновни. Моите деца, внуци и јас престојуваме кај нашиот сосед. Не ни остана ништо“, изјави тој.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.

Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со северна Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.