Nuri Aydın
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
АНКАРА
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), генерал Кенет Меккензи, командантот на Централната команда на вооружените сили на САД (CENTCOM), во Пентагон организирал прес-конференција на која презентирал видеоснимки од операцијата во која е неутрализиран Ебу Бекр ал Багдади, лидерот на ДЕАШ, пренесува Anadolu Agency (AA).
За снимките на кои се забележува како Багдади бега во тунел и се самоубива активирајќи го експлозивниот елек на себе, генерал Меккензи изјави „[Багдади] заедно со две деца влезе во тунелот и го активираше експлозивот. Гледајќи ја акцијата, можеме да разбереме како човек бил.“
Меккензи истакна дека се неутрализирани четири жени и еден маж за кои е забележано дека облекле експлозивни елеци. По операцијата објектот е уништен со експлозив. „Не би можел да потврдам ништо друго во врска со последните секунди од животот на Багдади“, додаде тој.
Меккензи, истакнувајќи дека не е одреден точниот број на убиени лица во операцијата, продолжи со зборовите „Би сакал да потенцирам дека иако станува збор за операција од висок профил, преземени се сите мерки за да се избегнат цивилните жртви и да се заштитат децата на осомничените.“
Меккензи изјави дека за да се потврди смртта на Багдади, неговото тело е префрлено во база каде што е извршена ДНК-анализа, при што резултатите се потврдени со примероците кои се земени додека бил притворен во ирачки затвор во 2004 година. По 24 часа од неговото убиство, неговото тело е погребано со фрлање во море. Меккензи, предупредувајќи дека е можно членовите на организацијата да извршат напади во знак на одмазда, рече „Се сомневаме во напади од одмазда. Подготвени сме за тоа.“
- Американската операција „Багдади“
САД објавија дека американските специјални сили, со осум хеликоптери северно од Идлиб, изведоа операција во која е убиен Багдади, лидерот на ДЕАШ. На прес-конференцијата што во почетокот на неделата ја организираше претседателот на САД, Доналд Трамп, тој информираше дека Багдади влегол во еден од трите тунели што се наоѓале во долниот дел од куќата, се самоубил заедно со трите деца што биле покрај него, активирајќи го експлозивниот елек што го носел на себе. Претседателот Трамп сподели фотографија на куче кое било рането за време на операцијата, но неговото име остана необјавено.