Mustafa Melih Ahıshalı
12 Јануари 2017•Ажурирај: 12 Јануари 2017
ТЕХЕРАН (АА) - На аеродромот „Михрабад“ во Техеран денес слета патничкиот авион „ербас A321“, кој е првиот потполно нов авион што од 1979 година досега станува сопственост на Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако Владата на САД одобри конзорциумот за производството на авионот „Ербас“ да му продаде повеќе од 100 авиони на Иран, на аеродромот во Техеран денес слета првиот патнички авион од типот A321, со капацитет од 119 патници.
Иранската компанија „Иран ер“ во јуни минатата година потпиша договор со американскиот произведувач на авиони „Боинг“ за купување на голем број авиони од новата серија „боинг 737“ и „боинг 777“. Со оглед на тоа што 10 отсто од авионите на „Ербас“ се произведуваат во САД, компанијата не можеше да ги продаде авионите без дозвола од Вашингтон.
Иран со децении беше во дипломатска изолација поради меѓународните санкции воведени поради развој на нуклеарната програма. Изолацијата започна во 1979 година, кога во Техеран беа заробени американските дипломати. Укинувањето на санкциите кон Иран и враќањето на таа земја на меѓународниот пазар е овозможено со договорот на делегациите на Иран и групите 5+1, кој стапи на сила минатата година.
Иран потпиша договор за купување на вкупно 118 авиони, а договорот е вреден 27 милијарди долари.
Поради споменатите меѓународни санкции, во Иран и сега се во употреба авионите купени пред 1979 година. Старата флота беше причина за голем број авионски несреќи во оваа земја. Во изминатите 37 години, во Иран се случија повеќе од 200 авионски несреќи во кои животот го загубија повеќе од 2.000 лица.