Hakan Çopur
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, најави продолжување на дипломатскиот процес за решавање на кризата на Корејскиот Полуостров, но и продолжување на политиката на максимален притисок врз режимот на Северна Кореја, сè додека не се спроведе денуклеаризација во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата на американскиот претседател во Белата куќа соопшти дека Трамп за ситуацијата на Корејскиот Полуостров синоќа одвоено разговарал со јапонскиот премиер Шинзо Абе, и со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин.
Претседателот на Јужна Кореја во телефонскиот разговор детално го информирал Трамп за историскиот состанок со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун кој се одржа на 27 април.
Мун и Трамп се согласни дека промената на ставот на севернокорејскиот лидер и подготвеноста за откажување од развојот на нуклеарното оружје е резултат на политиката на максимален притисок кој САД го спроведуваат кон официјален Пјонгјанг.
Мун и Абе во одделни разговори со Трамп се согласни дека расчистувањето на Северна Кореја од нуклеарното оружје е предуслов за воспоставување мир во регионот.
Јапонскиот премиер Абе истакнал дека Јапонија ќе го поддржи секој процес во насока на запирање на развојот на балистички и нуклеарни проекти на Северна Кореја