Diyar Güldoğan
01 Јули 2025•Ажурирај: 05 Јули 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека ќе ја разгледа можноста за депортирање на милијардерот Илон Маск, додека нивниот конфликт повторно се разгорува поради предлог-законот за трошење, поддржан од републиканците, јавува Анадолу.
„Не знам. Ќе мора да го разгледаме тоа“, рече Трамп пред новинарите, одговарајќи на прашањето дали би го депортирал Маск.
Изјавата доаѓа откако извршниот директор на Тесла повторно ја критикуваше сеопфатната законска иницијатива и најави дека ќе формира нова политичка партија доколку Конгресот ја одобри мерката.
Трамп посочи дека Министерството за владина ефикасност (DOGE) треба да ги преиспита државните субвенции за компаниите на Маск.
„Можеби ќе треба да го пуштиме DOGE врз Илон. Знаете ли што е DOGE? DOGE е чудовиштето што можеби ќе мора да се врати и да го 'изеде' Илoн“, рече Трамп.
Трамп додаде дека Маск е „многу вознемирен“ бидејќи ја загубил поддршката од Владата за електричните возила, предупредувајќи дека „може да загуби многу повеќе од тоа“.
Односот меѓу Трамп и Маск, кој некогаш се карактеризираше со соработка и меѓусебна поддршка, значително се влоши во последните месеци, особено откако Маск почна отворено да го критикува буџетскиот предлог уште во мај.
Минатиот месец, Маск предложи формирање на нова политичка партија, прашувајќи ги своите следбеници на платформата Х дали „е време да се создаде нова политичка партија во Америка што навистина ќе ги претставува 80 % од луѓето во средината“.
Подоцна тој даде поддршка на предлог од еден следбеник партијата да се вика „Партија Америка“, слично на политичката акциона комисија Америка ПАК (Комитет за политичка акција) која Маск ја основа минатата година.
Оваа организација потроши 239 милиони долари за поддршка на Трамп и други републиканци на изборите во 2024 година.