Fuat Kabakcı
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
ХОНГКОНГ (AA) - ФУАТ КАБАКЏИ - Тунелот „Ленон“ во метро-мрежата во Хонгконг на единствен начин го отсликува сето незадоволство на демонстрантите, кои веќе три месеци протестираат поради нацрт-законот за испорачување на обвинетите во Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
По примерот на Sидот на Џон Ленон во Прага, на кој чешките демонстранти оставале пораки и графити, и демонстрантите во Хонгконг направија бројни такви ѕидови во таа автономна покраина, која е во состав на Кина, а однеодамна стана и тунел на метро-станицата во северниот кварт Таи По.
Протестите во Хонгконг веќе станаа тема на меѓународната политичка сцена, со оглед на сè почестите критики кои САД и Велика Британија ѝ ги упатуваат на Кина, а изминатиот викенд на протестите, според тврдењата на организаторите, се собрале дури 1,7 милиони демонстранти.
Sидовите на тунелот во метрото Таи Поу станаа еден од симболите на протестите во Хонгконг, а на нив се излепени карикатури, графити, поеми и други видови критики кои демонстрантите ги упатуваат на сметка на власта во тој автономен регион.
Додека демонстрантите го користат тунелот и како огласник за сите нови протести, приврзаниците на власта сметаат дека тој е неубавата слика на градот. Несомнено дека токму тој тунел претставува одраз на протестите во Хонгконг.
„Многумина сакаат своето мислење да го покажат на ѕидовите на Леноновиот тунел. Некои сакаат да постават соопштенија за протестите и ситуацијата во земјата“, рече советникот за трговија и инвестиции, Вејни Чан.
Анонимен граѓанин на Хонгконг за АА рече дека тие ѕидови се показател на слободата на говорот и дека демонстрантите тука можат да ги испратат своите пораки.
Повод за протестите во Хонгконг е владината најава за воведување на законот за екстрадиција на осудениците во Кина. Иако нацртот не ја предвидува таа мерка за оние што се политички обвинети, многумина во Хонгконг стравуваат дека тоа ги би загрозило опонентите на кинеската власт.
Нацртот како идеја се појави минатата година откако едно момче уби 19-годишна девојка на одмор во Тајван и побегна во родниот Хонгконг. Обвинетиот не може да биде испорачан на Тајван бидејќи не постои договор за екстрадиција.
Хонгконг е автономен регион, кој Велика Британија во 1997 година го препуштила на Кина. Во согласност со постоечкиот договор, Хонгконг има статус на автономија во внатрешната политика, а Кина ја води надворешната и одбранбената политика. Таквиот статус е предвиден до 2047 година.