Mehmet Şah Yılmaz
19 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
АНКАРА
Турското Министерство за надворешни работи денеска ја отфрли изјавата на американскиот Стејт департмент во која го обвинува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за антисемитизам, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението турското МНР ја повика американската администрација да направи напори за да ги запре непрекинатите напади на Израел врз палестинските цивили, наместо да изразува лажни обвинувања за турскиот лидер.
„Концептот на антисемитизам не треба да се користи за да се прикријат израелските етнички, религиозни и културни политики за чистење“, се истакнува во соопштението.
Американскиот Стејт департмент вчера „ги осуди неодамнешните антисемитски коментари на претседателот Ердоган во врска со еврејскиот народ“ во изјавата.
Ердоган во понеделникот го критикуваше Израел за нападите врз цивилите во Газа и врз Џамијата „Ал Акса“. Тој исто така ја критикуваше продажбата на оружје од САД на Израел.
Обвинувајќи го Израел дека е „терористичка држава“ и го напаѓа Кудс (Ерусалим), тој исто така рече дека „безмилосно“ бомбардира цивили во Газа.
Ердоган рече дека оние што ги поддржуваат израелските акции во Кудс и Газа ќе останат во историјата како соучесници во убиства на деца и злосторства против човештвото.
Најмалку 219 Палестинци се убиени, од кои 63 деца и 36 жени, а други 1.530 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа од 10 мај, според палестинското Министерство за здравство.
Неодамнешните тензии што започнаа во Источен Кудс (Ерусалим) за време на светиот муслимански месец Рамазан се проширија и во Газа како резултат на израелските напади врз верниците во Џамијата „Ал Акса“ и населбата Шејх Џарах.
Израел го окупира Источен Кудс, каде што се наоѓа комплексот на Џамијата „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектира целиот град во 1980 година, чекор што меѓународната заедница никогаш не го призна.