Jeyhun Aliyev
06 Август 2020•Ажурирај: 06 Август 2020
АНКАРА
Турција пружи рака на помош на Либан, по силната експлозија која во вторникот одекна во Бејрут, а во која загинаа најмалку 135 лица, а повредени се околу 5.000 луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Република Турција Фахретин Коџа на социјалната мрежа Твитер напиша дека телефонски разговарал со либанскиот колега Хамад Хасан и во таа пригода рекол дека Турција ќе испрати медицинска и хуманитарна помош на Либан, во координација со Кабинетот за вонредни ситуации и управување со катастрофи (АФАД).
Коџа рече и дека тим од 20 членови денес ќе отпатува во Либан за да помогне во укажување помош на повредените.
Покрај тоа, министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој на социјалната мрежа Твитер соопшти дека Турција презеде чекори за да му помогне на Либан во залекување на раните, а со инструкција на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Турција пружи рака на помош на Либан, кој загуби значителни залихи на пченица во експлозијата во Бејрут. ТИКА на либанските власти ќе им достави околу 400 тони пченица", рече Ерсој.
Претходно, гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, рече дека Ердоган наредил испраќање на спасувачки тимови од сите делови на Турција, како и припадници на турската Црвена полумесечина.
Планот е да се обезбеди мобилна болница и да се достави хуманитарна помош, која се состои од лекови и медицински материјал.
Како последица на експлозијата во Бејрут повеќе од 300.000 луѓе останаа без кров над главата, а штетата се проценува на најмалку три милијарди долари.
Претседателот на Либан Мишел Аун, нареди транспарентна истрага во врска со овој случај и прогласи тридневна жалост.