Gözde Bayar
15 Мај 2022•Ажурирај: 15 Мај 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, вчера одржа трипартитна средба со неговите шведски и фински колега за нивните апликации за членство во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во Берлин остварив средба со моите колеги Ан Линде од Шведска и Хаависто од Финска на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО“, напиша Чавушоглу на Твитер.
Пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Чавушоглу рече дека Шведска и Финска „отворено ја поддржуваат и се ангажираат со терористичката организација ПКК/ЈПГ“, која „врши напади во Турција и убива турски војници и цивили“.
„Затоа, неприфатливо и скандалозно е нашите пријатели и сојузници да ја поддржуваат оваа терористичка организација. И поради нашата борба против оваа терористичка организација, имаше извозни рестрикции на производите од одбранбената индустрија што ги увезуваме од сојузниците и некои земји кои планираат да бидат членки на НАТО“, рече тој.
„И затоа големо мнозинство од турскиот народ е против членството на тие земји кои ја поддржуваат терористичката организација ПКК/ЈПГ, и тие бараат од нас да го блокираме ова членство. Но, ова се прашањата за кои треба да разговараме со нашите сојузници во НАТО, како и со овие земји“, додаде Чавушоглу.
Оценувајќи ја изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со процесот за членство на Шведска и Финска во НАТО, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде рече: „Како и Европската Унија, ние сметаме дека ПКК е терористичка организација.“
Според шведскиот дневен весник „Афтонбладет“, Линде изјавила дека ќе се сретне со Чавушоглу денес.
„Не е точно дека нема да ја класифицираме ПКК како терористичка организација. Доколку се појави таква перцепција, таа треба да се разјасни“, додаде таа.