Seda Sevencan
21 Април 2021•Ажурирај: 22 Април 2021
ИСТАНБУЛ
Очекуваната Истанбулска конференција за мировниот процес во Авганистан е одложена за подоцнежен датум, а напорите за постигнување мир ќе продолжат, соопшти турското Министерство за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со оглед на неодамнешните случувања и по обемните консултации со страните, беше договорено конференцијата да се одложи за подоцнежен датум кога условите за постигнување значителен напредок ќе бидат поповолни“, соопшти Министерството во заедничката изјава.
„Турција, Катар и Обединетите нации решително ќе ги продолжат своите сериозни напори за постигнување мир во Авганистан“, се додава во соопштението.
Во соопштението се нагласува дека Турција, Катар и ОН планирале заедно да свикаат конференција на високо ниво во Истанбул што ќе се одржува од 24 април до 4 мај со учество на претставниците на Исламската Република Авганистан и Талибанците за да се додаде интензитет на преговорите што започнаа во Доха минатиот септември, со цел да се постигне праведен и траен мир во Авганистан.
Турција вчера објави дека ја одложува Авганистанската мировна конференција во Истанбул до крајот на светиот муслимански месец Рамазан.
„Конференцијата ќе биде бесмислена без приклучување на Талибанците. Решивме да ја одложиме бидејќи нема јасност околу формирањето на делегациите и учеството... Целта не е да се иницираат алтернативни разговори со Доха, туку да се придонесе на процесот“, изјави министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу за новинскиот канал „Хабертурк“.