Bahtiyar Abdülkerimov
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ТАШКЕНТ
Претседтелот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев, разговараше со својот казахстански колега Касим Јомарт Токаев, а главна тема на разговорите беа немирите кои во Казахстан беа предизвикани од наглиот пораст на цените на течниот нафтен гас (ТНГ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кабинетот на Мирзијоев соопшти дека двајцата лидери размениле мислења за развојот на настаните во Казахстан и ја изразиле потребата од стабилизација и воспоставување ред и мир што е можно поскоро.
Мирзијоев вети дека ќе ги поддржи народот и Владата на Казахстан во нивните напори да обезбедат стабилност и просперитет.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан вчера соопшти дека повеќе од 200 лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир за време на демонстрациите што избувнаа низ земјата во вторникот.
Во соопштението се наведува и дека на протестите биле оштетени 37 полициски возила, повредени се 95 полицајци, а еден автомобил бил запален.
Полицијата и понатаму е распоредена на улиците на Алмати, најголемиот казахстански град, каде што се одржаа масовните демонстрации.
Сметајќи ја Владата одговорна за протестите организирани против неодамнешното зголемување на цените на ТНГ, Токаев во средата ја одобри оставката на премиерот Аскар Мамин и неговите министри.
Како што протестите се ширеа низ целата земја претходно истиот ден, Токаев прогласи вонредна состојба во градот Алмати и во регионот Мангистау, богат со нафта на запад, за периодот меѓу 5 и 19 јануари, за да ја одржи јавната безбедност.
Тој, исто така, воведе полициски час во Алмати, поранешниот главен град на земјата, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците.
Владата, исто така, го ограничи пристапот до апликациите на социјалните медиуми, вклучително и Фејсбук и Телеграм.