Davit Kachkachishvili
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
БУЧА (АА) - Телата на цивилите пронајдени во масовни гробници, во куќите и на улиците чекаат за идентификација и утврдување на причината за смртта во мртовечницата во Буча, украинскиот град во близина на Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Русија ја започна војната на 28 февруари, а потоа окупира неколку града, вклучително и Буча. По неодамнешното повлекување на руските сили од Буча, јавноста е згрозена со снимките на кои се гледаат бројни жртви цивили.
Телата на цивилите за кои се претпоставува дека се убиени од руските војници на подрачјето на Буча, Ирпин, Бородјанка и Гостомел, или починале од страв или од глад, се наоѓаат во фрижидерите на три камиони пред Судската медицина во центарот на Буча каде што во тек е идентификацијата.

Телата од камионите, кога доаѓаат на ред, се пренесуваат во мртовечница на идентификација.
Нина, стара жена која чекала пред мртовечницата и од безбедносни причини не сакаше да го каже презимето, за АА рече дека ги чека резултатите од обдукцијата на синот кој починал од срцев удар поради стресот по конфликтот во Буча.
Нина наведе дека руските војници пред еден месец отвориле оган на цивилите кои сакале да го напуштат градот.
„Пукаа на сите околу железничката станица. Дури убиваа и кучиња и ги фрлаа во бунари со питка вода за луѓето да не можат да пијат вода“, раскажа Нина.
Телата по идентификацијата и по одредувањето на причините за смртта, се погребуваат на градските гробишта во Буча и во други градови.
