Sümeyye Dilara Dinçer
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
АНКАРА (АА) - Норвешка ѝ испрати на Украина околу 100 противвоздушни ракети од француско производство „Мистрал“, како поддршка на Украинската армија во војната со Русија, соопшти денеска Министерството за одбрана на таа скандинавска земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ракетата ќе биде повлечена од Норвешките вооружени сили, но и понатаму е модерно и ефикасно оружје што ќе биде од голема корист за Украина“, изјави министерот за одбрана, Бјорн Арилд Грам, според соопштението на Министерството.
Министерството потсетува дека и други земји испратиле слични системи за оружје во Украина.
„Од почетокот на војната, Норвешка ѝ испорача на Украина 4.000 парчиња лесно противтенковско оружје М72“, се наведува во соопштението.
Во своето обраќање пред норвешкиот Парламент кон крајот на март, украинскиот претседател Владимир Зеленски побара од официјален Осло ракети за противвоздушна одбрана.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и го поттикна повлекувањето на светски компании од Русија.
Најмалку 2.104 цивили загинаа, а 2.862 се ранети во Украина од почетокот на војната, според проценките на Обединетите нации, а реалните бројки се многу повисоки.
„Повеќе од 5 милиони Украинци побегнаа во други земји, а повеќе од 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.