Darren Christopher Lyn
30 Септември 2022•Ажурирај: 01 Октомври 2022
ХЈУСТОН (АА) ‒ Ураганот Ијан кој вчера помина низ Флорида и предизвика пустош, сега се движи кон американските сојузни држави Јужна Каролина и Џорџија како бура од прва категорија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници жители имаат потреба од итно извлекување. Гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, изјави дека досега се спасени повеќе од 700 луѓе, а се стравува дека стотици можеби се загинати во, како што рече, најголемите поплави во изминатите 500 години, предизвикани од ураган.
„Никогаш не сме имале вакви поплави. Никогаш не сме виделе олку голема бура, да погоди област каде што има многу луѓе“, рече Де Сантис.
Силните ветришта на Ијан уништија згради и расфрлаа чамци долж брегот на Флорида. Ураганот предизвика обилни дождови и огромно невреме кое ги поплави домовите и однесе автомобили.
Во текот на денот можеше да се видат луѓе заглавени на покривите кои чекаа спасување со хеликоптер за итни случаи, но со оглед на тоа што на толку илјадници луѓе им беше потребна помош до ноќта, ситуацијата остана загрижувачка.
„Ова може да биде најсмртоносниот ураган во историјата на Флорида“, рече претседателот Џо Бајден на прес-конференција. „Бројките се сè уште нејасни, но слушаме рани извештаи за тоа дека може да дојде до значителна загуба на животи.“
Речиси 2,6 милиони домаќинства останаа без струја, а финансиската штета од Ијан се проценува помеѓу 25 и 40 милијарди долари при почетните проценки.
Ураганот од прва категорија сега се движи кон Јужна Каролина и Џорџија, кои прогласија вонредна состојба пред бурата.
„Денеска постои опасност од наплив на бура опасна по живот од Ијан долж бреговите на североисточна Флорида, Џорџија и Јужна Каролина“, објави Националната метеоролошка служба на Твитер.
Ијан се очекува денеска да ја зафати Јужна Каролина со обилни дождови и можни поплави.
„Се очекува насочување кон север, проследено со свртување кон север-северозапад“, објави Националниот центар за урагани. „Според прогнозите, Ијан денес ќе се приближи до брегот на Јужна Каролина кон внатрешноста, вечерва и утре.
Ијан во средата го погоди Заливскиот Брег на Флорида како ураган од четврта категорија со постојан ветар од 241 километар на час, што е петтиот најсилен ураган што ги погодил САД, според брзината на ветрот.