İdris Sülün
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
АНКАРА (АА) - Платформата за социјално вмрежување Фејсбук соопшти дека ги забранила профилите што им припаѓале на талибанците и содржините што ги поддржуваат талибанците, за кои смета дека се терористичка организација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Фејсбук за „Би-би-си“ (BBC) изјави дека талибанците, според американските закони, се сметаат за терористичка организација и дека на опасните организации им е забрането да ги користат услугите на компанијата.
Тој истакна дека профилите што припаѓаат или се отвораат во име на талибанците ќе бидат затворени, а содржините што ја фалат групата ќе бидат отстранети.
Откако талибанците брзо ја презедоа контролата врз Авганистан, технолошките фирми се соочија со сериозни прашања за тоа како да се справат со содржините поврзани со талибанците.
Портпаролот рече дека работејќи со група авганистански експерти, кои зборуваат локални јазици и имаат познавање за локалните случувања, ги идентификувале проблемите што се појавиле на платформата.
Нагласувајќи дека не носат одлуки за признавање влади, портпаролот посочи дека го следат „авторитетот на меѓународната заедница“.
Меѓу другото, портпаролот рече дека одлуката се однесува и за платформите Инстаграм и Ватсап.
Талибанците со години ги користат платформите на социјалните медиуми за да ги пренесат своите пораки.