Nilay Kar
06 Јануари 2019•Ажурирај: 06 Јануари 2019
ПАРИЗ (АА) - Демонстрантите од движењето на „Жолтите елеци“ осма сабота по ред излегоа на улиците на Париз и низ цела Франција, во знак на протест против претседателот Емануел Макрон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Уличниот марш во Париз, кој започна мирно, во попладневните часови прерасна во насилство, кога демонстрантите почнаа да фрлаат камења на полицијата која им ги блокираше мостовите преку реката Сена. Полицијата користеше солзавец за да ги спречи демонстрантите во обидот да стигнат до зградата на Парламентот. На булеварот „Сен-Жермен“ беа запалени автомобили и беа поставени барикади.
Судирите меѓу демонстрантите и полицијата избувнаа и во западниот град Нант. Најмалку едно лице е тешко повредено во протестите во текот на кои полицијата употреби солзавец.
Според податоците на полицијата, во протестите одржани низ Франција вчера, учествувале околу 25.000 луѓе, од кои околу 3.500 во Париз. Уапсени се 18 лица.
Движењето доби име по флуоресцентните елеци, кои со закон мора да ги имаат сите возачи во автомобилите во Франција. „Жолтите елеци“ ги започнаа протестите во средината на ноември минатата година, поради најавата на француските власти дека ќе го зголемат данокот на горивото.
Од 17 ноември, во протестите загинаа најмалку 10 лица, додека околу 1.000 беа повредени. Притворении се над 4.000 луѓе.