Nour Mahd Ali Abu Aisha,Hacer Başer
02 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
ГАЗА (АА) - Хамас го оцени интензивираното уривање на домовите на Палестинците во селото Џебел ал-Мукебир, јужно од окупираниот Источен Ерусалим, како етничко чистење со цел присилна миграција на луѓето од Ерусалим, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава портпаролот на Хамас, Абдулатиф ал Кану, рече: „Зголеменото уривање на домовите на Палестинците во селото Џебел ал-Мукебир, со образложение дека немаат дозволи, е насочено кон присилна миграција на палестинскиот народ. Тоа е кривично дело и етничко чистење за кое не може да се замолчи.“
Кану изјави дека треба да се започне отпор против тоа и да се преземе итна акција за заштита на Палестинците.
Израелските сили го принудија вчера палестинскиот државјанин Ала Буркан со свои раце да си ја сруши куќата во селото Џебел ал-Мукебир.
- Израел секоја година остава десетици Палестинци без своите домови -
Израел од различни причини ги урива палестинските куќи и објекти во Источен Ерусалим и на Западниот Брег, што ги окупира во 1967 година.
Во рамки на Вториот договор од Осло потпишан во 1995 година меѓу Палестина и администрацијата на Израел, Западниот Брег беше поделен на три зони - А, Б и Ц.
Според овој договор, Палестина управува со Зоната А (18 отсто од Западниот Брег), од административен и безбедносен аспект; исто така управува со Зоната Б (21 отсто од Западниот Брег), само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста. Израел ја има целата управа во Зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.
Израелската Влада не дозволува Палестинците да градат куќи во Зоната Ц затоа што таа е под нивна контрола.