Ahmet Gürhan Kartal
12 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант, истакна дека е неприфатливо целосните околности за убиството на Кашоги да се сè уште непознати, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи пред неговата посета на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, Џереми Хант ги повика саудиските официјални лица на целосна соработка со Турција, со цел да се разјасни она што му се случило на Кашоги.
Од британскиот Форин-офис, Хант е првиот британски министер кој оди во посета на Саудиска Арабија по убиството на саудискиот новинар пред еден месец.
„Тој (Хант) ќе ги искористи состаноците со цел да ја разјасни важноста на соработката на Саудиска Арабија со Турција заради спроведување целосна и кредибилна истрага за смртта на г-дин Кашоги“, се вели од Форин-офисот.
„Меѓународната заедница останува обединета во однос на насилството сторено преку бруталното убиство на Џамал Кашоги пред еден месец“, истакнува Хант.
„Неприфатливо е сè уште да се нејасни целосните околности за неговото убиство“, вели тој, додавајќи: „Ги охрабруваме саудиските власти целосно да соработуваат во турската истрага за неговата смрт, со цел да ја спроведеме правдата за неговото семејство и за светот кој гледа“.
Во соопштението се додава дека Хант ќе оствари средба со саудискиот крал Селман, со престолонаследникот Мухамед бин Селман, со саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал Џубејр, со јеменскиот потпретседател, Али Мухсин, и со јеменскиот министер за надворешни работи, Халид ал Јамани.
„Секретарот за надворешни работи сака да добие поддршка меѓу меѓународните, а особено меѓу регионалните партнери, за ново делување во Советот за безбедност на ОН за зајакнување на мировниот процес предводен од ОН, по неговиот состанок со специјалниот претставник на ОН за Јемен, Мартин Грифитс, на крајот од октомври“, се вели во соопштението.
Хант додава дека цената од војната во Јемен во однос на загубата на животи е непроценлива, со милиони раселени, со глад и болести и години на крвопролевање, а дека единственото решение сега е политичкото решение, оружјето да се остави настрана, и да се тежнее кон мирот.
„Британија има единствен став, и како одлучувачки фактор во Советот за безбедност на ОН и како клучна влијателна земја во регионот, затоа денес во Заливот ќе побарам сите страни да се обврзат на овој процес“, нагласува британскиот министер за надоврешни работи, Џереми Хант.