Sefa Mutlu
08 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
АТИНА (АА) - Актуелниот премиер на Грција и лидерот на левичарската партија Сириза, Алексис Ципрас, го призна поразот на изборите и му честита на лидерот на десничарската Нова демократија (ND), Киријакос Мицотакис на победата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Грција денеска се одржаа предвремени парламентарни избори, а според прелиминарните резултати, од 67 отсто пребројани ливчиња опозициската Нова демократија освои 39,7 отсто од гласовите, додека владејачката партија Сириза 31,5 отсто.
Нова Демократија така ќе добие 158 пратенички места во парламентот, кој брои вкупно 300 мандата и ќе може самостојно да ја состави новата грчка влада.
Лидерот на Сириза и досегашниот премиер Ципрас рече дека телефонски веќе разговарал со опонентот Мицотакис и му честитал на победата.
Ципрас за новинарите во Атина изјави дека граѓаните го направиле својот избор и дека тој ќе го почитува тоа.
Меѓу првите, на лидерот на Нова демократија, Мицотакис, му честита и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Од Кабинетот на турскиот претседател е соопштено дека Ердоган во разговор со Мицотакис изразил надеж дека резултатите од денешните избори ќе бидат корисни за унапредување на грчко-турските односи, и воопшто на регионалните односи.
Претходно објавените излезни анкети покажаа дека опозициската партија Нова демократија (НД), е победник на денешните избори во Грција и дека ќе биде во можност самостојно да формира нова влада.
Според тие анкети, преминувањето на изборниот праг од три отсто ќе го постигнат уште три политички партии, и тоа Движењето за промени, Комунистичката партија на Грција и Движењето MeRA25, кое го предводи поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис.
Радикалната партија Златна зора во моментов има 2,97 отсто од гласовите, а по завршувањето на пребројувањето на сите гласачки ливчиња ќе се знае дали таа го надминува прагот од три отсто, и дали ќе влезе во парламентот.
Во населбата Ексархија во Атина денес се случи инцидент. Маскирани лица украле кутија со гласачки ливчиња од едно избирачко место. Изборите на тоа избирачко место ќе се повторат за седум дена.