Nilay Kar
19 Декември 2015•Ажурирај: 20 Декември 2015
МУГЛА (АА) - Осумнаесет лица се удавија во близина на југозападниот турски брег кога доцна синоќа потона чамец кој пренесувал бегалци, јавува Anadolu Agency (АА).
Дрвениот чамец, полн со бегалци, Сиријци и Ирачани, пловејќи кон грчкиот остров Кос потонал во Бодрумскиот Залив.
Четиринаесет бегалци се спасени, но останатите 18, меѓу кои и деца, беа најдени мртви во морето, изјавија од турската крајбрежна стража.
Кос и другите грчки острови се наоѓаат на неколку километри од турскиот брег, што ги прави привлечна дестинација за бегалците кои сакаат да влезат во ЕУ.
Во изминатава година, илјадници направија кратко но опасно патување преку Егејот во обид да стигнат до северна и западна Европа. Влошените временски услови го прават патувањето поопасно од обично.
Според Меѓународната организација за миграција, над 781.000 мигранти пристигнале во Грција по морски пат од почетокот на годината, претежно од Турција. До 14-ти декември вкупно 632 лица го изгубиле животот во Егејското Море.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 950.000 лица стигнале до Европа по морски пат, оваа година.