Agnes Szücs
08 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, денес ја повика Русија да дозволи транспорт на украинското жито преку Црното Море, јавува Анадолу.
Говорејќи пред почетокот на Самитот на групата Г-20 во Њу Делхи, Индија, Мишел рече дека „над 250 милиони луѓе во светот се соочуваат со акутна несигурност во храна“ и ја обвини Русија дека ги лишува „од храната што им е очајно потребна“.
„Скандалозно е што Русија, откако ја прекина Црноморската иницијатива, ги блокира и напаѓа украинските пристаништа“, истакна тој.
Според Мишел, „апсолутно е цинично“ што Русија понудила 1 милион тони жито на Африка, додека Украина испорачала „30 до 32 милиони тони“ на пазарите, особено на земјите во развој, во рамките на Договорот за извоз на жито преку Црното Море.
Тој ја повика Москва да ја запре блокадата и да дозволи „безбеден премин преку Црното Море“ за украинските бродови кои превезуваат жито.
Според проценките на Европската комисија, се очекува Украина оваа година да произведе 56 милиони тони жито.
На 17 јули, Русија го прекина своето учество во Црноморската иницијатива за жито, која беше потпишана со посредство на Туркије и Обединетите нации со цел да продолжи извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море прекинат од почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Москва континуирано се жалеше дека Западот не ги исполнил неговите обврски од договорот и дека има ограничувања за плаќањето, логистиката и сигурноста на испораките на храна и извозот на ѓубрива.
По состанокот во понеделникот со рускиот претседател Владимир Путин, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оптимистички говореше за обновување на договорот, велејќи дека верува оти наскоро ќе биде постигнат добар резултат.