Şeyma Uzundere,Barış Seçkin
19 Јули 2022•Ажурирај: 20 Јули 2022
АНКАРА (АА) – Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, истакна дека на Европа, која се соочува со многу кризи, потребен ѝ е лидер како што е италијанскиот премиер Марио Драги, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во статијата за медиумот „Политико“, со седиште во САД, Санчез ги пофали придонесите за Италија и за ЕУ на премиерот Драги, кој е на работ да поднесе оставка од премиерската функција поради владината криза во Италија.
Санчез наведе дека со Марио Драги се сретнал додека бил на чело на Европската централна банка, и дека Драги одиграл клучна улога во решавањето на европската должничка криза што започна во 2009 година.
Упатувајќи пофалби кон својот колега, Санчез рече дека идеите на Драги покажуваат пат во надминувањето на предизвиците со кои се соочува европскиот континент.
Според него, односот на италијанскиот премиер Драги кон заедничкото купување вакцини и одобрувањето на дигиталниот сертификат за Ковид за време на пандемијата ја открива неговата посветеност за Европа.
Санчез рече дека Драги предложил земјите од ЕУ да воведат плафонска цена за нафтата и природниот гас, и дека тој го предводел патот во решавањето на енергетската криза во Европа.
Шпанскиот премиеир нагласи дека интелигентните, креативните и конструктивните ставови на Драги ќе придонесат за консензусот што ѝ е потребен на Европа во моментов, и дека на континентот му е потребен лидер како Драги.
- Владина криза во Италија -
Во Италија настана политичка криза откако Движењето 5 ѕвезди (M5S), еден од владините коалициски партнери, не го поддржа пакетот економска помош подготвен од Владата на Драги, на парламентарното гласање што се одржа на 14 јули.
Премиерот Драги ја поднесе својата оставка до претседателот Серџо Матарела, наведувајќи дека коалицијата е нарушена поради тоа што Движењето 5 ѕвезди (M5S) не ја поддржало програмата подготвена од Владата.
Претседателот Матарела, од друга страна, не ја прифати оставката на премиерот Драги и побара да даде информации до Парламентот во однос на ова прашање.
Во согласност со барањето на Матарела се наведува дека Драги утре ќе одржи говор во Горниот дом на Парламентот, Сенатот, и ќе побара гласање за доверба.
Иднината на Владата на Драги ќе биде одредена по утрешното гласање за доверба.