Ekipa
07 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
КОЛОМБО (АА) - Владата на Шри Ланка го блокираше пристапот до речиси сите социјални мрежи во обид да го запре ширењето верска омраза, поради што ден претходно беше прогласена вонредна состојба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пристапот до социјалните мрежи како Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram), Вибер (Viber) и Ватсап (WhatsApp) е блокиран во централниот дел на земјата, а многу корисници и надвор од тој регион не можеа да пристапат до мрежите.
Властите на Шри Ланка донесоа таква одлука поради стравот дека нападите на муслиманската заедница би можеле да се прошират.
Претседателот на земјата, Маитрипала Сирисена, вчера прогласи вонредна состојба во земјата поради пораст на нападите врз џамиите и објектите во сопственост на муслиманите во најмалку два града.
Вонредната состојба е прогласена откако избија судири меѓу поголем дел на будистите и припадниците на малцинската муслиманска заедница.
Нападите на будистичките банди врз муслиманите започнаа во понеделник по смртта на будистички синхал кој наводно го убила група муслимани.