Ayşe Aktaş
28 Мај 2017•Ажурирај: 28 Мај 2017
КОЛОМБО (АА) - Бројот на загинати во поплавите и свлечиштата кои се случија во изминатите денови во Шри Ланка, се покачи на 146, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на Центарот за управување со катастрофи на Шри Ланка се наведува дека 146 лица загинале во поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните дождови, кои го погодија западниот и јужниот дел на земјата, додека 112 сѐ уште се водат за исчезнати.
Исто така, во извештајот се нагласува дека 52 лица се повредени од лошите временски услови, додека пак од поплавите и свлечиштата зафатени се 442.299 лица.
Центарот за управување со катастрофи, поради покачување на нивото на водата во реките предизвикано од дождовите, даде предупредување за итна евакуација на некои региони во оваа земја каде што најмалку 100.000 лица веќе се раселени.
Генерал-мајорот Суданта Ранасинге, раководител на спасувачките операции, истакна дека војниците успеале да стигнат до сите региони погодени од поплавите, и нагласи дека е изгубена надежта за животите на лицата кои се водат како исчезнати во поплавите и свлечиштата.
Според соопштеното, врнежите од дожд ќе продолжат во текот на денот, како и во текот на утрешниот ден.
Во мај минатата година, над 100 лица го загубија својот живот во свлечишта во централниот дел на островската земја.