Mohamed Sabry Emam Muhammed
30 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
САНА (АА) - Коалицијата предводена од Саудиска Арабија вчера изврши воздушен напад врз затвор во областа Худеида, во западниот дел на Јемен, при што загинаа најмалку 43 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јеменската телевизија „Ал Масира“, блиска на бунтовничкото шиитско движење на Хусите, јавува дека зградата на штабот за безбедност „ Ел Зејдија“ била цел на четири воздушни напади. Во нападите загинаа најмалку 43 лица, а голем број се повредени. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија не се огласи по повод нападот.
Градот Худеида е под контрола на шиитските бунтовници Хуси кои во 2014 година го презедоа главниот град Сана и поголем дел од северниот дел на Јемен.
Јемен веќе две години е средиште на жестоки судири меѓу силите лојални на Владата и здружените сили на движењето на Хусите и групата која ја води соборениот јеменски претседател Салих. Во судирите досега загинаа над 10.000 лица. Примирјето досега е воспоставено петпати, но без долгорочен успех.